БРЕНДОТ „ДОЛЧЕ И ГАБАНА“ ЌЕ УМРЕ ЗАЕДНО СО НАС, ВЕЛАТ МОДНИТЕ ИКОНИ

Рим, (Гардијан)

Модните икони Доменико Долче и Стефано Габана велат дека нивниот истоимен бренд ќе умре заедно со нив.

„Кога ќе бидеме мртви, тоа ќе биде тоа. Не сакаме некој јапонски креатор да почне да дизајнира ‘Долче и Габана‘“, кажа 55-годишниот Габана во интервјуто за „Кориере дела сера“.

Ветераните на модниот свет го лансираа својот бренд во 1985 година и продолжија да работат заедно, и покрај прекинот на нивната романтична врска во 2004 година.

„Кога се разделивме, се договоривме дека е подобро сѐ да поделиме. Затоа што ако мене ми се случи нешто еден ден, тогаш Долче би се нашол во ситуација да мора да соработува со некој кој нема врска со модата, како некој мој роднина. Така само би се упропастила компанијата“, додаде Габана.

Долче (59) откри дека досега ги имаат одбиено сите понуди за продажба на компанијата.

„Можеш да ги имаш сите пари на светот, но тоа ништо не ти вреди ако не си слободен. Во гроб не можеш да отидеш во ковчег исполнет со пари“, вели тој.

Тие велат дека и сега се толку презафатени, што не можат да уживаат во заработените пари.