Во Скопје заврши снимањето на краткиот филм „Време на заедништво“, во режија на Радован Петровиќ, а по сценарио на српската актерка и сценаристка Сунчица Милановиќ. Продуценти на филмот се Тамара Ристоска и Петар Антевски.
Станува збор за независен филмски проект на млади филмски професионалци од Македонија и Србија, поддржан од Факултетот за драмски уметности (ФДУ) и локалната бизнис заедница од Скопје.
„Ова е приказна за едно семејство кое на денот на погребот на својот најсакан член се труди да ѝ го разубави денот на мајката која се бори со Алцхајмерова болест. Двајцата браќа и сестрата организираат посебна церемонија како обид да воспостават близина и заедништво во мигови на длабока тага“, велат продуцентите.
Во главните улоги се младите актери од регионот Тамара Ристоска, Милена Божиќ, Ѓорѓе Живадиновиќ-Гргур и Александар Стоименовски, а игра и Јасна Ѓуричиќ, реномираната српска актерка и добитничка на наградата за најдобра европска актерка во 2021.
Директор на фотографија е Стефан Ѓоргиевски, сценографијата е на Александра Петкова, костимите на Миа Ѓуровиќ, а шминката на Снежана Ангеловска-Живковска. Дел од овој филм е и српската продуцентска куќа „Вич крафт“.