Стрип-центарот на Македонија од Велес издаде три нови списанија, „Стрип креатор” бр. 37 и 38 и „Стрип алманах“ бр. 8. Тие се едни од малкуте изданија кои ги претставуваат стрип авторите од Македонија. Во овие три броја има и дела на автори од Србија, Хрватска, БиХ, Романија и Грција.
„‘Стрип креатор‘, кој излегува од 2003, е единствената постојана стрип публикација кај нас, каде што македонските автори континуирано ги објавуваат своите дела, некои од нив за првпат. На македонски јазик се објавуваат подобрите странски, но и домашни автори од традиционалниот меѓународен стрип конкурс. Во ревијата ‘Стрип алманах‘ се застапени стрипови на македонски автори создадени на Меѓународната стрип колонија во Велес. Ме радува што има сѐ повеќе девојки меѓу стрип цртачите“, вели Ване Трајков, претседател на Стрип центарот на Македонија..
Овие изданија се финансирани преку Годишната програма за издаваштво на Министерството за култура и туризам.
П. ПЕЧКОВ