Оние кои ја испочитуваа забраната за снимање и сликање на концертот на Брајан Адамс сношти (27 април) во Скопје, вистински уживаа во шоуто на легендарниот канадски музичар.
Пораката што тој сака да ја пренесе почнува од самиот наслов на турнејата „Голи коски“ (Bare Bones Tour), што значи дека само со неговиот глас, гитара и пијано придружба на одредени песни нѐ врати во времето кога настанале и ги покажа нивните едноставна убавина, емоција и безвременост.
Овој акустичен концерт беше побогат од многу на кои на сцената е цел бенд или оркестар. Магијата беше неговиот глас, гитарата, пијаното на Гери Брејт и лекцијата што сакаше да ја научиме. На концерт сме дојдени да уживаме, без снимање видеа, приказни на социјалните мрежи и вклучување во живо. Како во времето кога тој почнувал да свири, на концерт се одело за да се слуша музика. Толку едноставно. Од клупски музичар, Адамс станал светска ѕвезда со две номинации за Оскар. На претходниот концерт во Скопје во 2019, Адамс неколкупати ѝ рече на публиката да ги остави телефоните и да ужива во музиката. Сега немаше потреба ништо да каже.
„Мојата мајка има 97 години. Ја сакам мајка ми и ѝ должам многу затоа што ме поддржа кога на 15 години ѝ кажав дека сакам да го напуштам училиштето и да се придружам на бенд. Таа ми рече: ‘Оди, но направи го тоа како што треба’. Јас сум сепак син на мама“, рече Адамс. Исклучително духовит и забавен, тој разговараше со публиката цело време. Кога еден помлад фан, тинејџер, на трибините извади транспарент со насловот на песната „Еве сум“ (Here I Am), тој го повика на сцената.
„Дојди долу, сине“, рече Адамс и му подари „трзалици“ на момчето кое напамет ја знаеше песната снимена во 2002.
„Некои песни ги имам напишано во мојата кујна, некои во мојот подрум во Ванкувер. На 18 години немав воопшто пари, па почнав како клупски музичар и кога заработив, бев многу горд што можам да го однесам брат ми на вечера“, рече музичарот.
Се сети и на големите Тина Тарнер и Барбра Стрејсенд, со кои испеа дуети.
„Барбра можеше да испее дует со кого било, но сакаше да пее со мене, момче од Ванкувер, Канада. Песната ‘Конечно најдов некого’ (I Finally Found Someone) не доби Оскар, но беше номинирана. Не паметам која песна победи, но нашата беше подобра“, рече Брајан Адамс.
За Тина Тарнер кажа дека многу ја почитувал, бил фан и доживеал со неа да испее дует.

Брз час по македонски му одржаа две девојки од публиката, кои ги повика пред бината. Од обезбедувањето веднаш реагираа, па Адамс им рече да не бидат груби зашто тоа се фини дами. На крајот замоли една од девојките на македонски да им каже да си одат, а тој научи да каже добровечер и благодарам.
По сите шеги на кои публиката од срце се смееше, Адамс прати сериозна порака до сите светски лидери кои почнуваат војни да ги снема како облак, зашто тој не сака неговите деца да растат во војна и деца да бидат бомбардирани.

Овој концерт покажа дека едноставните, љубовни песни како „Дали некогаш навистина си сакал жена“ (Have You Ever Really Loved a Woman) или „Сѐ што правам, правам за тебе“ (Everything I Do, I Do It for You) никогаш не изледуваат од мода. Концертот го организраше „Авалон“.
М. ЏАРОВСКА