ПО НАД 400 ДАДЕНИ ГОЛОВИ, ХАРИ КЕЈН ГО ОСВОИ ПРВИОТ ТРОФЕЈ ВО КАРИЕРАТА НА 31 ГОДИНА

Минхен, (Ројтерс)

Хари Кејн, еден од најдобрите напаѓачи и голгетери во денешниот фудбал, конечно го освои првиот трофеј на 31 година. Тоа му успеа во втората сезона во Баерн, кој вчера ја потврди 34. шампионска титула во Германија.

Капитенот на англиската репрезентација пред две недели собори рекорд на лигата, постигнувајќи 60 голови на своите први 60 првенствени натпревари. Втора сезона по ред, тој би требало да биде најдобриот стрелец во лигата.

Со 71 гол, Кејн е најдобриот стрелец на англиската репрезентација досега, а со 213 погодоци за Тотенхем е и втор најдобар стрелец во историјата на Премиерлигата, но сѐ до вчера, немаше ниеден клупски трофеј во својата колекција.

Кејн го помина најголемиот дел од професионалната кариера во Тотенхем, чиј член беше од 2009 до 2023, кога премина во Баерн за 110 милиони евра. Во Англија не успеа да освои трофеј, при што со Тотенхем играше финале на Лигата на шампионите, додека со националниот тим двапати губеше во финалето на Европското првенство. Сето тоа ги подгреваше приказните за „проклетството на Кејн“.

Тоа требаше да се промени со доаѓањето во Германија, но во првата сезона трофеите ги однесе Баер Леверкузен.

(Фото: Гети)