„СИСТЕРС ОФ МЕРСИ“ И „СОУЛФЛАЈ“ ЈА ПРЕДВОДАТ ЛИСТАТА УЧЕСНИЦИ НА ПРВОТО ИЗДАНИЕ НА Д ФЕСТИВАЛ ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Британските дарк-рок пионери „Систерс оф мерси“ (фото), реге легендите „Инер серкл“ и Макс Кавалера со својот бенд „Соулфлај“ се најавени како главните ѕвезди на новата верзија на Д фестивал (The Festival), кој оваа година првпат ќе се одржи во Штип, на тамошниот стадион од 4 до 6 јули. Организаторот „Пасворд продукција“ објави дека за посетителите ќе има организиран превоз, а музичката програма ќе може да се следи бесплатно, освен што ќе има хуманитарен билет наменет за настраданите во Кочани.

Поради трагедијата во Кочани, организацијата и најавата на фестивалот ги пролонгиравме за извесно време. Од истите причини, годинава во Штип нема да има камп на фестивалот, а концертите ќе се одржуваат покрај реката Брегалница, каде што се наоѓа и градскиот стадион. Во еко-парковите покрај реката под тврдината Исар се планираат идните фестивалски кампови. Со оваа промена на локацијата сакаме да одиме чекор напред“, вели првиот човек на „Пасворд“, Логин Кочишки.

Музичките настани ќе се одвиваат на две бини, Главна и Москито, на кои ќе настапат повеќе од 40 бендови и музичари.

На денешната прес-конференција беше кажано дека најголемиот дел од програмата ќе го сочинуваат домашните артисти, што ги вклучува „Архангел“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, „Љубојна“, „Паркети“, Пијан Славеј, „Мизар“ и Дина Јашари, од соседството доаѓаат „Буч Кесиди“ и „С.А.Р.С.“, а меѓу учесниците е и третопласираниот на годинашната Евровизија, Томи Кеш од Естонија. Организаторите велат дека листата на изведувачи ќе се дополнува во следниот период.

Градоначалникот Иван Јорданов е благодарен што продукцијата го одбрала Штип за нов домаќин и рече дека како Општина ќе сторат сѐ градот да биде гостопримлив.

Оваа фестивалска манифестација е од заемен интерес и за градот и за илјадниците посетители кои не треба да се грижат за сместување затоа што Штип како студентски град има голем број сместувачки капацитети“, кажа тој.

Д фестивал се одржуваше во Дојран 14 години, но по ланското издание беше донесена одлука за промена на локацијата.

Т. ЈОВАНОВСКИ

Фото: Г. Конев