СЕ СЕЌАВАМ НА УБАВИОТ СКОПСКИ ФЕСТИВАЛ ОД 1972, РЕЧЕ ЗДРАВКО ЧОЛИЌ, КОЈ ГО ОДРЖА СВОЈОТ НАЈДОБАР КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ ДОСЕГА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со една од песните со кои стана славен, „Сношти не беше тука“ (Sinoć nisi bila tu), Здравко Чолиќ вчера (2 јуни) го почна првиот од трите концерти во Скопје, во салата „Борис Трајковски“. За првпат, тој кај нас пее со симфониски оркестар, а оваа песна беше совршен почеток на ваков богат концерт.

Салата ја наполни публика од сите генерации (Фото: К. Попов)

Истата песна, Чолиќ ја испеал во 1972, исто со голем орекстар, на фестивалот Вашиот шлагер на сезоната во неговото родно Сараево. Таа година пеел и на Скопскиот фестивал со песната „Мојата болка“ (Мој бол). Чола важи за човек со одлична меморија, па на почетокот на концертот го поврза споменот од Скопје со почетната песна.

„Се сеќавам колку ми беше убаво на настапот на Скопскиот фестивал во 1972 во Домот на ЈНА“, рече Чолиќ.

Салата ја наполнија и тие кои го паметат овој податок и тие што се родиле многу потоа, а постарата музика на Чолиќ денес ја учат преку новите дигитални платформи и социјалните мрежи.

Фото: К. Попов

И токму во тоа е неговиот феномен, да ги спои повозрасните и помладите и сите со иста љубов да му ги пеат песните. Конечно, хитовите на Чолиќ заслужија да ги слушаме во оркестарска верзија, а голем дел од нив се вратија во времето кога првпат биле пеени токму со биг бенд, во златното фестивалско време на поранешна Југославија. Овојпат, Чола го следеа 50 музичари од Биг бендот од Нови Сад и од оркестарот на Операта на Српскиот народен театар од Нови Сад. Новите аранжмани на неговите хитови се на диригентот Федор Вртачник. Го следеа четири придружни вокали и машки вокален квинтет.

Фото: К. Попов

Еуфоријата на сите концерти на Здравко е позната, овојпат и поголема, затоа што во Скопје не пеел шест години. И покрај мини хорот на сцената, публиката му беше верен вокален придружник од почеток до крај.

Разликата помеѓу овој и претходните концерти е репертоарот, тој испеа песни кои не секогаш ги пеел порано, а некои речиси и воопшто не ги пеел досега. Она што не се менува повеќе од 50 години е таа негова енергија, вокалот, интеракцијата со публиката и она што не заборава е да ги поздрави најверните фанови во првиот ред, кои со текот на годините му станаа и пријатели.

Иако концертот беше прилагоден за седење, верните обожавателки на Чолиќ танцуваа во текот на целиот концерт (Фото: К. Попов)

Концертот заврши со уште една песна која поретко е пеена на концертите, а Чолиќ за неа вели дека е една од најтешките за пеење и е совршена за голем оркестар, „Песно моја“ (Pjesmo moja) од 1980.

Чолиќ ќе одржи концерти и вечерва (3 јуни) и утре (4 јуни) во истата сала, во организација на „Мк тикетс“.

М. ЏАРОВСКА