„ГЛУМЦИТЕ ПЕАТ“ ВЕЧЕРВА И УТРЕ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Околу 25 точки со различна приказна се најавени на годинашново издание на шоуто „Глумците пеат“, кое ќе има две вечери, вечерва (8 јуни) и утре (9 јуни) од 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ).

Култни филмови со кои пораснале многу генерации се темата на „Глумците пеат“, велат организаторките Маја и Ира Бабиќ, ќерките на актерот Марин Бабиќ, кој во 1990-тите го направи популарно ова шоу.

„Меѓу филмовите чија музика ќе ја слушаме се ‘Некои тоа го сакаат жешко’ (Some Like It Hot), прочуениот мјузикл со Мерилин Монро од 1959 и ‘Браќата Блуз’ (The Blues Brothers) од 1980. Секоја точка ќе биде осмислена со интересно сценарио поврзано со филмот од кој е музиката“, вели Маја Бабиќ.

Ова е трето возобновено издание на манифестацијата. Во 2023, „Глумците“ се вратија на сцената по 17 години пауза.

Режисер на шоуто е Дејан Пројковски, а диригент на биг бендот кој ќе свири е Љупчо Мирковски. Новите аранжмани на песните се на Бобан Мирковски, а кореографијата на Олга Панго.