СНИМИВМЕ СПОТ КОЈ ПОТСЕТУВА НА СТАРАТА ДРУЖБА НА МАКЕДОНСКАТА ЕСТРАДА, ВЕЛИ ТАМАРА ТОДЕВСКА, КОЈА ОБЈАВИ ПЕСНА ОД ЏАМБАЗОВ И БИЛБИЛОВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Тамара Тодевска ја сними новата песна „Лавиринт“, во која соработува со Игор Џамбазов и Роберт Билбилов. Џамбазов е автор на текстот, а Билбилов на музиката и на аранжманот.

„Оваа песна е напишана пред неколку години, а Тамара веројатно ја чувала за некој вистински момент како овој“, ни рече Џамбазов, кој заедно со Билбилов е автор и на еден од најголемите хитови на Тодевска, „Тажна љубов, среќна песна“.

„Среќна сум што летово ќе го започнам со новиот сингл ‘Лавиринт‘. Станува збор за една динамична песна, која е во соработка со мојот Игор Џамбазов. Спотот е навистина весел, снимен низ скопските улици, а во него учествува речиси цела домашна естрада. Ги почитувам и сакам сите мои колеги, соработници и пријатели и сакав да создадеме приказна која малку ќе потсетува и на минатото, кога постоеше една искрена и постојана дружба помеѓу нас уметниците, независно на годините и жанрот на музика што го пееме. Се надевам дека ‘Лавиринт’ ќе ви се допадне. Уживајте во летото и слушајте македонска музика“, ни рече Тамара Тодевска.

Спотот започнува со видеоразговор помеѓу Игор Џамбазов и Тијана Дапчевиќ (Фото: Принтскрин)

Спотот е во режија и продукција на Зоран Зонде Стојановски, а го снимаше Кристијан Теодоров. Во спотот глумат музичари, продуценти, диџеи, водители, модели, актери, како и пријатели, соработници и дел од семејството на Тамара Тодевска. Започнува со дијалог помеѓу Игор Џамбазов и Тијана Дапчевиќ, сестрата на Тамара.

„Игор и Тамара, Тамара и Игор е комбинација која функционира долго време. Тамарче ме покани да бидам дел од песната и спотот и прифатив со задоволство, а текстот го напишав пред некоја година. Се надевам дека ‘Лавиринт’ ќе биде слушана, а има ли поголем лавиринт од нашево секојдневие? Сите да ги најдеме излезот и вистинскиот пат, а домашната сцена нека остане вака обединета и убава како во спотот“, вели Џамбазов.

Песната е достапна на сите дигитални музички платформи. 

М. ЏАРОВСКА

Фото: Во спотот учествува и Брана Тодевска, мајката на Тамара