АНА ПЕТАНОВСКА ЌЕ ПЕЕ НА СПЛИТСКИОТ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ана Петановска ќе настапи на еден од најпознатите поп фестивали во регионот, Сплитскиот фестивал. На 6 јули, младата талентирана пејачка ќе ја испее песната „Кога ноќта ќе го сретне денот“ (Kad noć sretne dan), за која музиката ја напиша Григор Копров. Нејзиниот брат Стефан Петановски е аранжер на песната, а текстот е на Роберт Пилепиќ.

„Ова ќе биде активно работно лето за мене. Ја имам таа среќа трипати да настапувам во градови на Јадранското Море, прво во Сплит, па во Тиват во дует со Дадо Топиќ, а потоа во Шибеник, на тамошниот фестивал на шансони. Летото ќе го завршам во нашиот Охрид, на Охрид фест“, вели Петановска.

Откако стана миленичка на публиката настапувајќи на повеќето големи концерти со оркестри, Ана Петановска е сѐ поактивна и со авторски песни. Последно пееше на концертот „Шлаг шлагери – Ко некад у 8“ во рамките на фестивалот Скопско лето. Меѓу другите, ја испеа песната „Анушка“ од Ана Костовска, која ја напиша Копров.

Сплитскиот фестивал се отвора на 1 јули на плоштадот Прокуратива. Прво ќе има повеќе концерти, еден од нив во чест на Дино Дворник, а фестивалскиот дел почнува на 4 јули.

М. ЏАРОВСКА