МИЛЧО МАНЧЕВСКИ МЕЃУ ЛАУРЕАТИТЕ НА 20. АСТЕРФЕСТ ВО СТРУМИЦА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Милчо Манчевски, Ребека О‘Брајан и Емил Рубен се лауреатите на 20. издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, што ќе се одржи во Струмица од 4 до 8 август под мотото „Филмски крстопати“.

Манчевски, кој во моментов го снима својот нов филм „Збогум, Копакабано“, ќе ја прими наградата „Астер“ за највисоки достигнувања во светскиот и македонскиот филм.

Ме радува наградата на ‘Астерфест‘. Уметноста се прави за да се допре срцето на другиот. Се надевам дека она што го правам со години ве допира и создава нови чувства“, рече Манчевски.

Почесното признание за особени достигнувања на полето на филмската и ТВ-продукција го доби британската продуцентка Ребека О’Брајан, додека Рубен е награден со специјална плакета на „Астерфест“.

Во официјалната натпреварувачка селекција на „Астерфест“ ќе се прикажат 18 филма, вклучувајќи ги македонските „Амра“ на Васил Христов, „Состојба на умот“ на Александра Кардалевска и „Избор“ на Марко Црногорски. За наградите ќе одлучува жирито во состав Клара Дошлов, Сезер Салихи и Ице Виранов.

Фото: К. Попов