СИНОЛИЧКА ТРПКОВА ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „АСТЕР“ НА ОТВОРАЊЕТО НА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО СТРУМИЦА

Струмица, (СМАРТ СДК.МК)

Во Амфитеатарот во Струмица синоќа (4 август) почна 21. издание на Интернационалниот филмски фестивал Астерфест. Основачот и директор на Астерфест, Горан Тренчовски, ѝ ја врачи фестивалската награда „Астер“ на Синоличка Трпкова, актерка и професорка на Факултетот за драмски уметности.

Годинава мотото на фестивалот е „Со отворени очи“, а програмата опфаќа 20-ина нови филмови од повеќе видови и жанрови.

„Астерфест ми причини невообичаена радост со тоа што одлучи да го вброи моето име покрај Мигел Ермосо, Карољ Вичек, Данчо Чеврески, Пиро Милкани, Желимир Жилник… Оваа награда дејствително гради однос на доверба, која, пак, оди рака подрака со одговорноста. Прва и досега единствена јавно покажана доверба во мене овде, дома, после повеќе децении академска, филмска и театарска дејност“, изјави неодамна Трпкова.

Имаше проекции на кратки филмови, а беше прикажан и британскиот документарен филм „Версус: Животот и филмовите на Кен Лоуч“.

Вечерва (5 август) од 20:30 часот ќе бидат прикажани уште седум кратки филма од натпреварувачката селекција, меѓу кои и два македонски. Потоа е најавена проекцијата на долгометражниот филм „Железна тврдина“ на режисерот Митко Панов, македонско-швајцарско-американска копродукција.

Утре од 11 часот, во Младинскиот центар ќе бидат претставени повеќе изданија од областа на филмот, меѓу кои книгата „Аспекти на филмската режија“ од Антонио Митриќески, монографијата за 70 години македонски филмски плакат на Кинотеката на Македонија, антологијата „Кинестетични раскази“ и ДВД-изданието „Нефилм“, објавено по повод 120 години од раѓањето на Семјуел Бекет.

Фото: Горан Тренчовски и Синоличка Трпкова