ЌЕ СЕ БОРАМ ПРОТИВ РАСИПНИШТВОТО НА ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ, ВЕЛИ ХЕЛЕНА РОЗА, КОЈА СЕ КАНДИДИРАШЕ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА НА ОПШТИНА ВО НОВ ЗЕЛАНД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поранешната водителка Хелена Роза, која десет години живее во Нов Зеланд, се кандидираше за градоначалничка на општината Норт Шор, која е дел од градот Окленд. Роза вели дека се подготвува за кампањата која почнува на 1 август, а изборите се во октомври. Таа е членка на десничарската конзервативно-либерална парија АКТ, чиј лидер е вицепремиерот на Нов Зеланд, Дејвид Сејмур.

Роза вели дека ако биде избрана, ќе се бори против расипништвото на локалната власт и за напредок на малите бизниси.

„Се кандидирав затоа што бев исфрустрирана од тоа колку е оддалечен локалниот совет од луѓето на кои треба да им служи. Даноците постојано растат, но основните услуги заостануваат, патиштата се распаѓаат, сообраќајот постојано е заглавен, локалните жители се исклучени од процесите на планирање, а малите бизниси се дават во бирократија. Јас сум сопственичка на бизнис, но исто така сум и мајка и сопруга. Како што точно знам каде оди секој долар во нашите бизнис и домаќинство, така сакам да знам како се трошат парите на граѓаните од страна на локалната власт. Ако бидам избрана, ќе обезбедам транспарентност во трошењето на советот и ќе се погрижам секој долар да биде пресметан. Ќе ги третирам парите на граѓаните со почит и ќе се борам против расипништвото, за да го искористиме максимумот од нашиот локален буџет“, ни рече Хелена Роза, која во Окленд живее со сопругот Игор, синот Тијан и ќерката Кјара.

Хелена Роза со мајка ѝ Роза, ќерката Кјара, синот Тијан и сопругот Игор во Нов Зеланд (Фото:: Фејсбук)

„Партијата која ме кандидираше се залага за слободен говор, индивидуална одговорност и кратење на непотребното трошење од страна на локалната власт. Во Македонија бев една од основачките на либертаријанскиот клуб  ‘Атлас’, па некако е логично да сум поддржувачка и членка на оваа партија тука во Нов Зеланд“, додава Роза.

Во Окленд, таа има фирма за електричарски услуги со петмина вработени. Работи и за локалното списание „Ај магазин“, организира настани и кампањи и работи како маркетинг менаџерка. Има и своја фирма за дигитален маркетинг.

Роза вели дека голема поддршка за кандидатурата добила од семејствата во Нов Зеланд и во Скопје, вклучувајќи ги нејзината мајка Роза Катиновска, поранешна спикерка во Македонската радио-телевизија и сестра ѝ Ребека Јанковска-Ристески, поп-пејачка и активистка.

М. ЏАРОВСКА 

Фото: Хелена Роза со вицепремиерот на Нов Зеланд, Дејвид Сејмур, кој е лидер на партијата која ја кандидираше на изборите