На 39. фестивал „Град театар“ во Будва, Црна Гора, синоќа (10 август) премиерно се изведе претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ. Претставата е копродукција на Драмски театар од Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче од Љубљана и „Град театар“ од Будва.
Ова е текст од раниот драмски опус на Јовановиќ, напишан во форма на комедија дел арте. Напишан е во 1972, а првпат изведен во Местното гледалишче во Љубљана една година подоцна. Текстот е напишан во периодот на исклучително бурни меѓународни и регионални историски движења, како и под влијание на околностите во тогашна Југославија, на кои реагираа уметниците од најмладата генерација.
Претставта ја режираше хрватскиот драматург и режисер Иван Пеновиќ, кој од следната сезона ќе биде директор на Драма во Хрватското народно казалиште во Сплит. Играат Марјан Наумов, Јована Спасиќ, Лазар Христов и Соња Стамболџиоска од Македонија, Марко Гверо и Иван Томиќ од Србија, Нејџ Језерник и Јулита Кропец од Словенија и Лазар Николиќ од Црна Гора.
Сценографијата е на Лазе Трипков, костимите на Александар Ношпал, музиката на Владимир Пејковиќ, а сценските движења на Дамир Клемениќ.
Македонската премиера е закажана за 17 август на фестивалот Охридско лето, а ќе се игра од 21 часот на сцената на Долни Сарај.