Принцот Хари и Меган Маркл објавија дека го продолжуваат договорот за снимање филмови и ТВ-емисии со „Нетфликс“, што ќе трае повеќе години.
Меган рече дека таа и Хари биле инспирирани од партнерството со „Нетфликс“ да „создадат промислена содржина што резонира глобално и ја слави заедничката визија“. Не е објавено колку чини договорот. Претходниот договор од 2020 наводно имал вредност од околу 100 милиони долари.
Најавата доаѓа пред втората сезона на кулинарската серија „Со љубов, Меган“, која ќе излезе подоцна овој месец. Анкетите на „Нетфликс“ покажаа дека првата сезона не била ниту меѓу 300-те најпопуларни емисии на платформата во првата половина од 2025.
„Со љубов, Меган“, серијата за животен стил која ја прикажува Меган како готви со познати пријатели, имала 5,3 милиони прегледи. За споредба, најгледаната содржина на „Нетфликс“ во тој период беше драмата „Адолесценција“ со 145 милиони прегледи.
Претходниот документарец на „Нетфликс“, „Хари и Меган“, кој раскажува за заминувањето на двојката од кралското семејство“, имаше поголема публика, 23,4 милиони прегледи по премиерата во декември 2022.