Поп-пејачот Горан Наумовски вели дека му е драго што ја преработил неговата омилена песна „Прости ми“ од Маја Оџаклиевска.
Наумовски беше ревијален гостин на фестивалот Охрид фест-Охридски трубадури и ја испеа оваа песна со која претходно настапи на концертот „Најдоброто од Копров“ во јули 2024 во рамките на Скопско лето. Григор Копров е автор на музиката на оваа песна, Оџаклиевска го напиша текстот, а оригиналниот аранжман е на Живоин Глишиќ. Оџаклиевска ја испеа „Прости ми“ на Скопскиот фестивал во 1996.
„Се сеќавам дека многу ми се допадна кога првпат ја слушнав Маја како ја пее песната, песна полна со искреност, суптилност и емоција. Оттогаш, ова е моја песна. Пред да ја преработам, се консултирав со Маја Оџаклиевска. Се мислев дали ќе можам да ја отпеам на начин на каков што сакам, да ја задржи емоцијата, но да биде во поинаква верзија. Не знаев дали ќе успеам таа песна да биде дел и од мојата приказна, да влезам во чевлите на Маја после нејзината маестрална и уникатна изведба. Но, таа ме охрабри да ја преработам и многу ѝ се бендиса новата верзија“, ни рече Наумовски.
Новиот аранжман е на Владимир Дојчиновски-Дојчин.
Во јуни 2024, композиторот Григор Копров ни рече дека не ги памети сите песни што ги компонирал и сосема заборавил дека „Прости ми“ е негова песна.
„Кога Горан Наумовски ми ја пушти, јас сосема имав заборавено дека е тоа моја песна. Ако ме прашате за точната бројка песни што сум напишал, не знам да кажам“, ни рече Копров пред концертот со неговите хитови во Операта лани.
М. ЏАРОВСКА