Во Ликовниот салон во Велес вчера (17 септември) беше отворена изложба на карикатури на велешанецот Миле Манчевски. Тој се претставува со 50-ина дела, создадени во последните 15 месеци, а со кои учествувал на меѓународни и домашни изложби на карикатури. Манчевски е еден од малкутемина карикатуристи кои и натаму творат во Македонија, а со над 60 години е и меѓу помладите автори.

„Во ова време кога во весниците во Македонија нема простор за карикатурата, за публиката сме присутни на социјалните мрежи. Од ова не може да се живее, не е профитабилно, работиме како ентузијасти и можеби таквата состојба ги одбива младите да цртаат карикатури. Инаку, ние по дефиниција сме вечна опозиција, ги жигосаме лошите пракси и застранувањата“, вели Манчевски.
Тој зад себе има повеќе самостојни изложби во Велес, кои потоа се претставени и во други градови до Македонија. Негови дела биле претставени и во Чиле, Јемен, Јапонија, Куба, Колумбија, Индија, Израел, Јужна Кореја, Азербејџан, Панама и Бразил. Првата карикатура ја нацртал во 1984 година.
П. ПЕЧКОВ