ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР ЈА ОТВОРА НОВАТА СЕЗОНА СО „СИНИОТ ПОРТОКАЛ“, СЕ ИГРА ПО 103. ПАТ И Е РАСПРОДАДЕНА

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Новата сезона во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ започнува вечерва (18 септември) со најдолговечната претстава на оваа институција, „Синиот портокал“, која се игра седум и пол години. Ова ќе биде 103. изведба. Билетите и овојпат се распродадени.

Во договор со режисерот Александар Ивановски, Благојче Стојанов беше избран како замена за Самоил Стојановски, кој почина на почетокот на годинава.

На 20 септември ќе се игра комедијата која пролетоска имаше премиера „Госпоѓа министерка“, дело на Бранислав Нушиќ, а во режија на Синиша Евтимов. Хит комедијата „Вечера за глупаци“ ќе игра на 23 септември, а „Татко“ на 29 септември.

Велешки театар овој месец настапи и на домашни фестивали. На 13 септември го затвори театарскиот фестивал „Ристо Шишков“ со претставата „Мајка“, а на 15 септември беше на детскиот фестивал „Силјан штркот“ во Прилеп со претставата „Мачорот во чизми“. На 24 септември ќе учествува на театарскиот фестивал „Денови на комедијата“ во Куманово со „Госпоѓа министерка“.

П. ПЕЧКОВ

Фото: Новата постава на „Синиот портокал“