МАТИЈА ДЕДИЌ ПОСТХУМНО ЌЕ ДОБИЕ НАГРАДА „ПОРИН“ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

Загреб, (Порин)

Музичарот Матија Дедиќ постхумно ќе добие награда „Порин“ за животно дело, објави сајтот на Хрватските музички награди.

„Наградата ‘Порин’ за животно дело се доделува на уметници кои преку своите работа, неуморна креативност и исклучителен придонес оставиле неизбришлив белег во хрватската музичка историја. Оваа година, за жал, постхумно, управниот одбор на ‘Порин’ му ја доделува оваа најголема музичка чест на Матија Дедиќ. Наградата за животно дело може да се додели постхумно само на оние уметници кои несомнено ја заслужиле со постојаното активно присуство на сцената и неисцрпната креативна енергија, а не ја добиле за време на својот живот. Матија Дедиќ беше токму тоа“, велат од „Порин“.

Дедиќ почина на 8 јуни оваа година на 53 години, оставајќи опус што го сместува на самиот врв на хрватската и европската џез сцена. Тој е син на хрватските музички великани Арсен Дедиќ и Габи Новак. Во текот на својата кариера добил дури 38 награди „Порин“.