МЕРИЛ СТРИП ДОЈДЕ НА РЕВИЈАТА НА „ДОЛЧЕ И ГАБАНА“ ВО МИЛАНО ЗА ДА СНИМА СЦЕНА ОД „ЃАВОЛОТ НОСИ ПРАДА 2“

Милано, (АП)

Мерил Стрип седеше во првиот ред на ревијата на „Долче и Габана“ во Милано, но не како Мерил Стрип, туку како Миранда Пристли, нејзиниот лик од филмот „Ѓаволот носи Прада“. Од модната куќа потврдија дека на ревијата се снимаше сцена од продолжението на филмот.

Стрип ги носеше препознатливите очила за сонце на Пристли и мантил од „Долче и Габана“ кога влезе во салата, придружувана од обезбедувањето и следена од Стенли Тучи, кој го игра нејзиниот уметнички директор.

За време на ревијата, ликот на Стрип се консултираше со Тучи, а нивните погледи се движеа горе-долу додека моделите минуваа по пистата. Во филмот ќе може да се види колекцијата на „Долче и Габана“ пролет-лето 2026.

Наспроти Стрип седеше долгогодишната уредничка на „Вог“, Ана Винтур, која беше инспирација за ликот на Миранда Пристли. Вториот дел на „Ѓаволот носи Прада“ треба да излезе напролет.

(Фото: АП)