„Прекрасно, многу убаво организиран настан, треба да се земе за пример“, вели младата македонска пејачка Елена Васова, која е годинашната добитничка на регионалната музичка награда „Милан Младеновиќ“, која ја прими во Макарска на 21 септември. Васова ја доби наградата за песната „Љубов“, а ѝ беше доделена на денот на раѓањето на легендарниот фронтмен на „Екатарина Велика“.
„Се изненадив од доста позитивни коментари за песната, некои ја нарекоа евергрин. Секако, се спремаат неколку концерти во регионов, се работи на нов материјал“, ни рече Васова и додаде:
„За мене е успех и среќа што воопшто дојдов до суперфиналето. Искрено, вооошто не очекував. Ова ми беше прва номинација со авторска песна. ‘Љубов’ е мојот втор авторски сингл, по ‘Пријател‘”.
Албумот на кој Елена и нејзините соработници максимално ќе му се посветат периодов треба да биде објавен до почетокот на следното лето, кога ја чекаат настапи на Арсенал фест во Крагуевац, фестивалот „Модро и зелено“ и на следното доделување на наградата „Милан Младеновиќ“ во Макарска, кога ќе биде избран нејзиниот наследник. Во 2022, наградата ја доби Дина Јашари за песната „Дома“.
Васова своето музичко образование го започнала во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј” во Скопје, отсек виолина. Паралелно и пеела, при што била член на неколку хорови, како детскиот хор при ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, воден од маестра Благица Димчева, каде настапувала и како солист. Во 2014, по добивањето на улога во операта „Ноќниот жерав” од јапонскиот композитор Икума Дан, во продукција на Токиската опера и Националната опера и балет, го продолжила своето образование во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј” во Скопје, изучувајќи го оперското пеење во класата на проф. Светлана Донковска.
Соработува со солисти и бендови, меѓу кои Тамара Тодевска, Калина Велковска, Драган Даутовски, Александар Јовевски, Емин Џијан, „Љубојна“, „Фанк шуи“, Тони Зен, Мијата и други. Повеќе од пет години е активна членка на професионалниот мешан хор „Про Арс” под диригентство на маестро Сашо Татарчевски, настапувајќи и како солист.
Со нејзината авторска музика има настапувано на фестивали како „Земјотрес“ и „Млади за млади“ и на концертот на данската група „Ефтеркланг“.
М. ЏАРОВСКА