ПО ДЕСЕТ ГОДИНИ НА НЕКОЈ МУ ТЕКНА ДА МЕ ВИКНЕ ДА НАСТАПАМ ВО СКОПЈЕ, ВЕЛИ ЛАМБЕ АЛАБАКОВСКИ ПРЕД КОНЦЕРТОТ НА 10 ОКТОМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ламбе Алабаковски ќе одржи концерт во Скопје, во „Јавна соба“ на 10 октомври. Поп-пејачот вели дека е среќен што по десет години некој го поканил да пее во Скопје.

„Конечно, по десет години на некој му текна да го викне Ламбе Алабаковски во Скопје, да ги испеам моите најголеми хитови и општо хитови кои останале запишани во историјата, а верувам дека ќе останат и по 10 октомври“, вели Алабаковски.

Билетите се продаваат преку мрежата на drugastrana.mk.

Во февруари, тој најави концерт во поголема сала со кој ќе прослави 20 години на музичката сцена.

„Тој концерт требаше да се одржи есенва, но го одложив за напролет, откако ќе помине една година од трагичниот пожар во Кочани на 16 март“, ни рече пејачот.

За тој концерт, Алабаковски доби 408.000 денари од Министерството за култура на конкурсот за Годишната програма за култура за 2025. Поп-пејалот во 2021 се врати од САД, каде што со семејството живееше шест години. Сега живее во Битола.

По настапот на Макфест во 2023, Ламбе се присети на неговиот прво учество на истиот фестивал во 2005, кога ја испеа песната „Ех да можам“. Тогаш, како нова поп-ѕвезда од проектот „М2, потрага по ѕвезда“, настапот на Макфест за него бил нешто големо и значајно.

„Имав 17 години и тогаш во Штип го промовиравме албумот ‘Море од солзи’. Најголем ќеф и најголема чест ми направи нашиот претседател Киро Глигоров кога гласаше јавно за мене. Тој беше во публиката, а тогаш на Макфест се доделуваа награди според гласовите од публиката. Глигоров како штипјанец често одеше на фестивалот, а потоа изјави дека гласал за мене. Тоа ми е еден убав спомен“, рече Алабаковски.

М. ЏАРОВСКА