На 23, 24 и 25 октомври ќе се одржи јубилејното 40. издание на Макфест во Штип. Фестивалот годинава ќе трае три вечери.
„Оттаму и идејата во Штип да се пее три дена за да можеме да се потсетиме и на хитовите од минатите години, кои ќе останат за навек. Покрај вообичаените две, годинава ќе има и трета вечер, што ќе биде вечер на познати хитови од Макфест, кога ќе пеат Тања Кочовска (фото), ‘Силви бенд’, Питер Џон Босе, Владо Јаневски, Сашо Гигов-Гиш, Ристо Самарџиев, Мики Јовановски-Џафер, Ламбе Алабаковски, Пајак и Лара и многу други“, вели Јован Јованов, кој е дел од тимот на фестивалот.
Макфест и годинава е од ревијален карактер, а ќе биде доделена само наградата за најслушана песна меѓу двата фестивала. Наградената песна ќе се објави на 15 октомври на прес-конференција во Штип.
„На прес-конференцијата ќе бидат најавени регуларните учесници. Потоа на социјалните мрежи ќе бидат пуштани рефрените од новите песни“, вели Јованов.
Фестивалот традиционално ќе се одржи во Домот на културата во Штип, каде што ќе настапат млади и познати пејачи.
„На првата, дебитантска вечер ќе настапат 13 пејачи, а на втората, популарна вечер ќе пеат 14. Опфатени се сите жанрови и стилови на музика за да биде поинтересно за љубителите на макфестовската музика, да можат сите да уживаат и да си најдат свој фаворит. Едноставно, музика за сите генерации“, вели директорот на фестивалот Роберт Саздов, додавајќи дека ќе изгледа достојно за јубилејот.
Продуцентот на фестивалот е Александар Арсовски од Општина Штип. МТВ ќе врши директен пренос од сите три вечери.