Пред концертот што ќе го одржи на 2 август во Охрид, Марко Маринковиќ-Слаткаристика вели дека за него Охрид е во топ три најубави градови во светот. Слаткар на Илинден, со повеќе гости, ќе слави 20 години кариера на стадионот „Билјанини Извори“, а концертот го организира продукција „Прагма“.
Во разговор за СМАРТ.СДК.МК тој зборува за концертот, за љубовта кон Охрид, за стереотипот дека скопјани и охриѓани не се поднесуваат и за документарниот филм што се снима, а е инспириран од неговиот живот и кариера.
„Сите ние пораснавме во Охрид. Кога бевме деца мислевме дека Охрид е нашето море, затоа што немавме можност, ниту пари да одиме на море. Денес, кога ги видов и сите мориња на светот, повторно ќе кажам дека Охрид е, ако не најубавиот град во светот, тогаш сигурно еден од трите најубави. За мене тоа е убедливо едно од најубавите места во светот“, вели тој.
На прашањето дали е мит или вистина дека охриѓани и скопјани не се сакаат, Слаткаристика смета дека тоа е само предрасуда.
„Јас мислам дека тоа е мит, поради тоа што често истите скопјани се охриѓани, а истите охриѓани се речиси скопјани. Не е точно дека не се сакаме, мислам дека е обратно. Генерално не се сакаат луѓе што не знаат да сакаат, а такви има во секој град. Така што, тоа е класичен мит. Јас имам многу пријатели во Охрид, уште од времето кога сум бил дете. Половина лето скопјаните се во Охрид, сите сме исти и мислам дека оваа приказна е само наметнат мит“, додава тој.
За концертот на 2 август има големи очекувања и вели дека сака да постави нови стандарди.
„Можам да ветам дека ќе имаме многу добар концерт, одлично шоу и концерт од светски ранг. А она што навистина посакувам да се оствари е ова да биде најголемиот македонски концерт во историјата на Охрид. Верувам дека сме на добар пат. Не можеме да измислиме топла вода, но можеме да поставиме нови стандарди и од следната година тоа да стане пракса“, вели Слаткар. Билетите се концертот се продаваат преку мрежата на Купи карта.
Иако е лето, за одмор, како што вели, речиси и да нема време.

„Не знам дали ќе имам време за одмор. Кај мене важи правилото: нема одмор додека трае обновата. Имам среќа што навистина уживам во тоа што го работам. Работам многу, но тоа не ми претставува тешкотија. Можам да работам 365 дена во годината, 24 часа на ден. Така што, ќе одмарам додека работам“, вели Слаткаристика.
Покрај концертните активности, во тек е и снимањето на биографскиот музички документарец „Слушни ме“ на режисерот Радован Петровиќ и „ОХО Продукција“, кој преку личната приказна на Слаткар ја отвора темата за говорните и комуникациските потешкотии кај децата и младите.
„Филмот сè уште се снима. Ќе се снима и на 2 август, ќе продолжи во текот на целиот август и септември. Како што реков, нема одмор додека трае обновата. Кај нас една работа завршува, па веднаш продолжуваме со друга, па со трета. Нема момент кога ќе кажеме: завршивме со концертот, сега ќе одмараме. Штом ќе заврши една работа, веднаш почнува следната. Така функционираме“, раскажува тој.
Вели дека особено го радува ентузијазмот на екипата што работи на документарецот.
„Луѓето што го снимаат филмот се навистина возбудени и тоа ме прави да се чувствувам многу убаво. Годинава навистина одиме со полна пареа. Во септември ќе знаеме и точно кога документарецот ќе излезе“, ни рече Слаткаристика.
Калиопи, Тони Зен, „Некст Тајм“, Пајак, „Дупер“, Тајзи, Зи Бомб, Цоби, Криско и диџеј Че ќе бидат гости на концертот, кој е насловен „Слаткаристика и пријателите“.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. Попов
СЛЕДЕТЕ ГО И НАШИОТ КУТЈУБ КАНАЛ: