Издавачката куќа „Темплум“ стартува нова едиција, „300 ветрила“ на Огнен Чемерски, преведувачот, лектор и асистент на Κатедрата за англисκи јазиκ при Филолошкиот фаκултет „Блаже Κонесκи“ во Скопје, кој почина во август на 43 години. Негово капитално дело е преводот на македонски на „Моби Дик“ од Херман Мелвил.
Чемерски беше дел од Професорскиот пленум и даде активна поддршка на студентските протести. Беше гласен борец против неправдите на власта и активен учесник на протестите на Шарената револуција.
Првата книга од едицијата, поезијата на Калиа Димитрова, „Вештерките денес“, ќе биде промовирана вечерва во 20 часот во Музејот на современа уметност (МСУ).
„’Вештерките денес’ е книга жизнена, силовита, продорна, свежа, нежна, приемчива, заводлива, самосвесна и ни малку климоглава ‒ токму како самата Калиа. Освен тоа, книгата има јасна дикција, непосреден израз и неприкриен активистички (општествен) ангажман“, стои во најавата на книгата.
На промоцијата ќе говори Никола Гелевски, главниот уредник на „Темплум“, а песни ќе чита актерката Кристина Леловац.
Премиерно ќе биде прикажан и краткиот филм „Вештерките денес“, во режија на Борјан Стојков, изработен според пет песни од збирката на Калиа.