Фестивалот за детски и забавни песни „Јаболчиња“ од Тетово оваа година прославува јубилеј, 30 години од постоењето, со што го става во редот на детски фестивали со најдолга традиција во Македонија. Во сите овие изминати години, па дури и во времето на конфликтот од 2001 и ковид-пандемијата тетовските „Јаболчиња“ наоѓаа начини и сили да не ја прекинат традицијата на фестивалот.
Основач на фестивалот е тетовецот Никола Димовски-Т’мница, а од 2019 се приклучи Слободанка Ничевска како текстописец, композитор и аранжер на дел од песните.
„Последниве години фестивалот ‘Јаболчиња’ има две изданија во годината, едно на пролет, а второто е на есен. Есенското издание ќе се одржи вечерва (26 октомври). Ова го правиме бидејќи постои голем интерес кај децата да настапуваат на фестивалот. Песните, заедно со Никола Димовски, ги компонираме и правиме аранжман, секако во зависност од возраста на децата и ги снимаме во студиото на Димовски. Секако, за децата најважното е настапот пред тетовската публиката, односно нивните родители, роднини и другари. Но, не само во Тетово, ‘Јаболчиња’ настапуваат и во други градови во Македонија со што интересот за овој фестивал уште повеќе се зголемува. За мене најважно е тоа што децата се среќни што си добиваат две-три минути настап на сцената и тоа и за мене, а уште повеќе за детето, е од неизмерно значење. Токму заради ова често пати се случува некое дете што еднаш настапувало повторно да настапи и наредната година со нова песна“, вели Ничевска, виолинистка и уметничкa директорka на фестивалот.

На есенското издание на „Јабоч;иња“ ќе бидат испеани 13 нови песни исто толку колку што имаше и на пролетното издание на фестивалот. Децата многу го сакаат овој фестивал и поради тоа што на него првите настапи ги имале неколку значајни музички имиња од македонската музичка сцена.
„Овој фестивал не случајно е формиран во Тетово бидејќи ова е град со повеќедецениска музичка и хорска традиција. Со гордост можам да напоменам дека на ‘Јаболчиња’ своите први настапи ги имале повеќе значајни македонски музички имиња како: Магдалена Ена Цветковска, Лазар Цветковски, Гоце Симоноски, Јован Василевски, Милан Миланов-Коса, Дамир Ибраимовски, а кај нас пееше и Тамара Грујовска која ја претставуваше Македонија на Детската Евровизија“, вели Никола Димовски-Тќмница, основач на фестивалот и композитор.
З. АНДОНОВ
(Фото: Фестивал „Јаболчиња“)