Мешаниот градски хор „Вардар“ слави 25-годишен јубилеј со завршен концерт на 16 ноември во Музејот на македонската борба од 19 часот.
„Тоа е последен од низата концерти по повод јубилејот што ги одржавме низ градовите по течението на реката Вардар, како што е насловот на самиот проект ‘Од Вардар за Вардар’. Гостувавме во Гостивар, Градско, Велес и Гевгелија“, вели диригентката на хорот Јасмина Ѓорѓеска-Каро.
По добивањето на наградата „Георги Божиков“ од Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), таа вели дека тоа е круна на нејзиниот ангажман како диригент.
„Оваа награда ја посветувам на сите хористи и хорови со кои сум работела“, вели Ѓорѓеска, која е диригентка на хорот на Операта и основачка на новиот градски мешан хор „Балтепе“ во Тетово.
„Тековната и минатата година за мене беа многу плодни и исполнети со многу настапи, натпревари и концерти. Во мај 2024 со Градскиот мешан хор ‘Вардар’ се закитивме со златен медал на натпреварот во Бијелина, БиХ. Два месеца потоа, на Меѓународниот хорски фестивал во Виена освоивме две награди со Академскиот хор ‘Мирче Ацев’: прво место во категоријата мешани хорови и награда за најдобро изведена композиција од ерата на класицизмот. Во Виена, во познатата сала ‘Музикферајн’, првпат прозвучеа звуците на македонски хор со изведба на македонски композиции“, ни рече Ѓорѓеска.
За неа како хорски диригент е важен и настапот на хорот на Операта во претставата „Набуко“ во Софија лани. Во Националната опера и балет таа работи 17 години.

„Целата македонска екипа беше испратена со бурни овации од бугарската публика“, вели диригентката и додава дека за неа е значајно и првото место на Меѓународниот хорски фестивал во Штип во септември 2024.
„Ќе ги издвојам учеството на прославата по повод 80 години Филхармонија, кога се изведоа дела од основоположниците на оваа институција Трајко Прокопиев и Тодор Скаловски и 75-годишниот јубилеј на Академскиот хор ‘Мирче Ацев’ со учество и на поранешни членови на овој хор. И 2025 започна со полна пареа, со прво место на меѓународен хорски фестивал во Кикинда, Србија. Следеше подготовката со оперскиот хор за претставата ‘Риголето’, со која се отворија овогодинешните Мајски оперски вечери. Во јуни го освоивме второто место со Градскиот мешан хор ‘Вардар’ во Тузла, а во јули со ‘Мирче Ацев’ учествувавме на еден од најреномираните светски хорски фестивали во Австрија, од каде што се вративме со најголеми импресии и искуства. По учеството на фестивалот ‘Драган Шуплевски’ со двата хора, го подготвив оперскиот хор за отворање на новата сезона со Моцартовиот ‘Реквием‘. Во меѓувреме, на иницијатива на граѓани, во Тетово се формира Градскиот мешан хор ‘Балтепе’, со кој ќе го имавме првиот настап на 15 ноември“, вели Ѓорѓеска.
Работејќи на повеќе ангажмани истовремено, таа се подготвува за операта „Палјачи“, која ќе се изведе во Националната опера и балет на 7 ноември.
М. ЏАРОВСКА