ПО 51 ГОДИНА, СКОПСКИОТ ДРАМСКИ ТЕАТАР ПАК ЈА СПРЕМА „БОЛВА В УВО“ ВО РЕЖИЈА НА СИНИША ЕВТИМОВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Режисерот Синиша Евтимов почна со пробите за претставата „Болва в уво“ во Драмскиот театар во Скопје. Ова е петта и последна планирана претстава од Годишната програма за работа на театарот, поддржана од Министерството за култура и туризам.

„Болва в уво“ е текст напишан во 1907 од францускиот писател Жорж Фејдо. Неговите текстови поради безвременската актуелност се изведуваат во голем број театри низ светот и 100 години по неговата смрт.

„Болва в уво“ за првпат беше поставена во Драмски театар на 24 март 1974 и имала 333 изведби.

„Дејствието се одвива тука и сега, но не баш во нашиот универзум. Светот е модерен и современ, но без геополитичките случувања и интернет-хистеријата, што ја окупира димензијата на нашата реалност. Максимално технолошко достигнување во овој универзум е телефон со жица. Писма и пораки се сѐ уште најнормален начин на комуникација, што ни индицира дека информацијата патува доста споро, во споредба со нашите поимања на темата. Ова е една сосема розова реалност, каде што секој е среќен со својата улога во општеството“, изјави Евтимов.

Сценографијата е на Мартин Манев, а костимите на Раде Василев.

Играат Дениз Абдула, Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Петар Стојковиќ и Ивана Павлаковиќ.

Премиерата е планирана за втората половина на декември.

(Фото: Драмски театар)