Стихови од македонски поп песни во вид на графити деновиве се хит на социјалните мрежи, а ги црта Тина Мицковска, диџејка и активистка за заштита на животните, која е вработена во Зоолошката градина во Скопје.
Стихови од песните „Обои ме“ од Калиопи, „Немирна ко ветер“ од Тамара Тодевска, „Обиди се“ од Ребека, „Би се викал те сакам“ од „Нокаут“, „И ќе биде сѐ во ред“ од Каролина, „Јас сум ти пријател“ од „Ареа“ се дел од овие виртуелни графити, за кои многумина помислија дека се вистински.

„Работам на отворање на парк на македонската музика, каде што овие графити и мурали ќе бидат исцртани од млади улични уметници“, вели Мицковска, која често пушта македонска музика како диџејка.

„Уште од дете најмногу ја сакав македонската музика и во моето основно училиште секој петок правевме забави каде што гостуваа пејачи како Врчак, Калиопи, ‘Магија’, ‘Нокаут’ и други. Таа љубов продолжи до денес и со графитите сакам да се потсетиме на некои од најубавите македонски песни, да им оддадеме почит на македонските музичари и да им дадеме мотивација да творат и понатаму“, ни рече Мицковска.
Многумина од печјачите чии стихови се на виртуелните графити ѝ дадоа поддршка во оваа иницијатива.

„Секако, секоја од овие песни оставила свој белег во мојата младост. Потсетуваат на убави спомени, излегувања, дружби, на време кога македонската музика доживуваше експанзија. Но, секако, не ги заборавам и новите пејачи. Интересно е што повеќето мислат дека овие графити се вистински нацртани на згради низ Скопје, но, сепак, не е поентата да чкртаме и цртаме каде што ќе стигнеме без дозвола. Затоа работам на проект ‘Парк на македонската музика’ каде што овие графити и мурали ќе бидат исцртани од млади улични уметници и се надевам тоа ќе биде во скоро време“, додава Мицковска.

На забавите на кои што е ангажирана вели дека се труди да пушта најмногу македонска музика, а забавите да бидат посветени на македонски хитови.
„Ме радува тоа што и помладите кои доаѓаат на забавите ги знаат сите песни од пред 20-30 години. Ќе продолжиме со македонските забави затоа што има голем интерес, а и навистина, сите играат и се забавуваат, нешто што не сум го доживеала на други места“, вели Мицковска, додавајќи дека нејзината прва љубов се и животните.

Дел од графитите се хитот на Тоше „Усни на усни“ со негов портрет, „Рано е да се врзам“ од Мартин Вучиќ, „Ти си проблем“ од „Студени нозе“, „Едно срце“ од Маријана и Росана и други.
М. ЏАРОВСКА