КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР „ПРОФУНДИС“ ГО НОСИ КОНЦЕРТОТ СО СВЕЌИ НА 6 ДЕКЕМВРИ ВО БИТОЛА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со илјадници свеќи на сцената, камерниот оркестар „Профундис“ ќе одржи концерт во Центарот за култура во Битола на 6 декември од 20 часот. Ќе диригира маестра Ѓурѓица Дашиќ, а како солист ќе настапи виолинистот Владимир Костов, концерт-мајстор во оркестарот на Филхармонијата. На програмата се „Свитата за Свети Павле“ од Густав Холст, „Четири годишни времиња“ од Антонио Вивалди и „Македонско капричо бр.1“ од Драган Шуплевски.

„Овој концерт е особено значаен затоа што за првпат ја носиме уникатната атмосфера на концерт со свеќи во Битола“, рече маестра Дашиќ.

Владимир Костов е роден во Битола и има богата кариера со настапи на некои од најреномираните светски сцени, како Берлинската филхармонија, „Концертхаус“ во Виена, „Линколн центарот“ во Њујорк и други. Добитник е на наградата „Георги Божиков“ и основач е на фестивалот „Виолин фест“.

„Профундис“ има одржано неколку концерти под свеќи во Македонија и регионот, последно во Скопје на 29 октомври. Билетите се во продажба преку продажната мрежа на МК Тикетс.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

Фото: К. Попов