НЕСТРПЛИВА СУМ ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ, АМА ДОМА МЕ РАЗБИРААТ, ВЕЛИ БОЈАНА СКЕНДЕРОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пред првиот солистички концерт на 13 декември во Филхармонијата, поп-пејачката Бојана Скендеровси вели дека се чувствува еуфорично и има мала трема.

Јавноста ја запозна Бојана, тогаш Атанасовска, како дел од музичкото талент шоу „М2 – потрага по ѕвезда“, но популарна стана откако како дебитант победи на Макфест во 2003 со песната „Немам одбрана“. Бојана со таа песна настапи на јубилејниот 40. Макфест во Штип годинава, на последната вечер, заедно со познатите пејачи кои ги испеаја евергрините што го одбележаа фестивалот низ годиниве.

„Првото нешто што ми паѓа на памет од таа 2003 на Макфест е ракоплескањето на публиката од првиот такт на песната и моите солзи радосници во прес-центарот кога ми кажаа дека победив“, вели пејачката, која тогаш имаше 19 години.

Дваесет и една година потоа, концертот во Скопје го најавува како микс од стилови.

Бојана Скендеровски на јубилејниот Макфест во Штип на 25 октомври (Фото: Приватна архива)

„Репертоарот ќе биде микс од стилови во кои сум музицирала низ сите овие години, мои постари и понови песни, ќе има и македонски евергрини и преработки. Мислам дека овој концерт треба да биде старт на мои многу слични идни концерти. Мислам дека јавноста сака македонска музика, но долго време нема доволен пристап до неа. А, имаме многу квалитетна музика и изведувачи, само треба да е достапна за публиката“, ни рече Бојана Скендеровски.

Таа и сопругот Васко Скендеровски, со кој има ќерка и син, заедно работат во нивната музичка продукција, а поп-пејачката вели дека е среќна што дома ја разбираат.

„Се разбира дека има микс од емоции и мала трема, нестрпливост, еуфорија. Но, среќа, дома ме разбираат и со мојава професија се веќе навикнати“, додава пејачката.

Во јуни, таа ја промовираше новата песната „Дома“, за која вели дека ѝ ја должела на својата публика. Ова е првата песна од новиот албум што го работи со продуцентот Николче Мицевски и наскоро треба да се промовира. Мицевски е автор на музиката и аранжманот за песната, а Бојана заедно со раперот Таско го напиша текстот.

М. ЏАРОВСКА