Стрип-издавачот „Бункер“ го издаде графичкиот роман „Чанбара 2“ од италијанските автори Роберто Рекиони, Андреа Акарди, Габриела Конту и Валтер Вентури, во рамките на едицијата „Апсолутни почетници“.
Се работи за вториот дел од прочуениот стрип-серијал „Чанбара“, во кој се опфатени третата и четвртата приказна. Ова е поново остварување на италијанскиот издавачки гигант „Серџо Бонели едиторе“, кој повеќе децении е познат на нашите простори по популарните јунаци Дилан Дог, Марти Мистерија, Загор, Текс Вилер и Мистер Но. Чанбара на јапонски сленг означува борба со мечеви и има посебно место во златната ера на јапонскиот филм меѓу 1940-тите и 1960-тите. Стрипот дава опис на феудалните прилики во Јапонија во 17. век.
Преводот од италијански јазик е на Борјана Мојсовска, а лектурата на Милена Стојановска. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски.
„Бункер“ веќе 15-ина години ја поседува првата специјализирана книжарница за стрипови во Скопје.