Изложба на фотографии од најважните спомени на групата „Меморија“ од 1983 до 2025 ќе биде отворена на 22 декември од 12:30 часот во Младински културен центар (МКЦ). На 25 декември „Меморија“ ќе одржи концерт во Денсинг салата на МКЦ, каде што го имала првиот настап во 1984. Изложбата е насловена „Времеплов, од црно-бело во боја“.
„На изложбата ќе бидат претставени фотографии од сите членови на бендот, моменти од концерти, настапи, проби и незаборавни сцени од нивниот творечки пат од далечната 1983 година, па до денес. Секоја фотографија носи своја приказна, емоција и сведоштво за времето во кое настанала, за публиката, сцената и духот што го обележуваше и сè уште го обележува бендот. Изложбата е посвета на музиката, пријателството, истрајноста и љубовта кон сцената, но и благодарност до сите генерации публика кои беа и се дел од ова патување“, велат од тимот на „Меморија“.

На концертот, кој „Меморија“ го нарече „Ол старс“, ќе свират повеќе од 24 музичари кои низ годините биле членови на бендот. Концертот е најавен како музички времеплов преку кој „Меморија“ ќе ја прошета публиката низ годините и својот репертоар на најпознати хитови, но ќе се изведат и некои од првите песни кои досега не ги свиреле во живо.
„Во една снежна декемвриска ноќ пред повеќе од 40 години, групата го имаше својот прв концертен настап токму во познатата Денсинг сала на тогашниот Дом на млади ‘25 Мај‘. Во тоа име, на 25 декември на истото место, музичката историја на ‘Меморија’ ќе се повтори“, велат од „Меморија“.