Весел новогодишен концерт со одлични вокални и оркестарски аранжмани одржа Сара Мејс со женскиот квартет вчера (29 декември) во Филхармонијата.

Сара Мејс, Калина Велковска, Ана Петановска и Теа Богатинова, како што претходно ни најавија, ја прошетаа публиката до Лапонија и назад со избор од најубавите и најпопуларни светски и домашни новогодишни и божиќни песни. Ги придружуваше Божиќниот оркестар, со кој диригираше Иван Еминовиќ.

При крајот од концертот, кој им беше посветен на децата, Сара Мејс го праша диригентот дали ќе дојде Дедо Мраз, а тој духовито ѝ одговори:
„Ќе стаса, само малку доцни затоа што санката му е подесена на брзина 50. Инаку, Дедо мраз секогаш доаѓа“.
Покрај празничните поп класици, квартетот ја испеа и својата прва авторска новогодишна песна „Нека трепка“, која ја промовираше овој месец. Целото доживување беше надополнето со убаво украсената сцена и сценарио.

Пејачките ја кренаа целата сала на нозе кога се прошетаа меѓу публиката на хитот „Feliz Navidad“ (Среќен Божиќ).
Концертот заврши со песната со која сите пораснавме, „Елко, елко“, на која повеќе деца заиграа на сцената.

Ја испеаја и песната „Среќна Нова година“, која Сара Мејс ја сними во 2015 со Биг бендот на МРТ. Автор на песната е виолинистот Горјан Стојановски, кој беше во публиката.

Концертот почна оригинално, со соло на харфа на Сара Мејс, а заврши со акапела изведбата на „Ноел“, во која пејачките, кои се професионални музичарки, уште еднаш ги покажаа своите квалитетни вокали. Секоја од нив имаше и танцувачка точка со кореографија.

Претходниот ден, Сара Мејс со квартетот одржа концерт во Штип, а настапија и на плоштадите во Битола и Крива Паланка.
М. ЏАРОВСКА