ПРВИТЕ СЛИКИ ОД ЧЕТИРИТЕ ФИЛМОВИ ЗА „БИТЛС“ СЕ ПОКАЖАА НА РАЗГЛЕДНИЦИ

Англија, (Варајети)

Четирите филмови посветени на легендарните „Битлс“, ќе играат во кината во 2028. Филмската екипа на режисерот Сем Мендес откри како ќе изгледа славната четворка со нови фотографии на кои се прикажани Пол Мескал како Пол Мекартни, Харис Дикинсон како Џон Ленон, Џозеф Квин како Џорџ Харисон и Бери Кеоган како Ринго Стар.

Мендес претходно најави дека ќе се снимаат четири одделни филмови за четворицата музичари. Фотографиите од актерите прво се покажаа преку разгледници дистрибуирани во Институтот за сценски уметности во Ливерпул,  училиште ко-основано од Мекартни. Разгледниците беа доставени и до други места важни за „Битлс“: куќата каде што израснал Џон Ленон во Ливерпул, кај споменикот на бендот во Хамбург, во повеќе продавници за плочи и за винтиџ облека, кафулиња и барови и други места.

Фотографиите од актерите прво се покажаа преку разгледници дистрибуирани во Институтот за сценски уметности во Ливерпул (Фото: „Сони“)

Во филмовите за „Битлс“ глумат и Саоирсе Ронан како Линда Мекартни, Џејмс Нортон како Брајан Епштајн, Миа Мекена-Брус како Морин Старки, Ана Саваи како Јоко Оно, Ејми Лу Вуд како Пати Бојд, Хари Лојд како Џорџ Мартин, Дејвид Морисеј како Џим Мекартни, Лиен Бест како Мими Смит, Боби Скофилд како Нил Аспинал, Даниел Хофман-Гил како Мал Еванс, Артур Дарвил како Дерек Тејлор и Адам Пали како Ален Клајн.

Сите четири филмови, секој во режија на Сем Мендес и од перспектива на различен член на „Битлс“, треба да бидат објавени во април 2028 од „Сони“. Ова е првпат членовите на бендот и нивните потомци да дадат права за игран филм за нив.