Скопскиот Драмски театар денеска (4 февруари) гостува на фестивалот РУТА во Љубљана со претставите „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме – нашето не го даваме“ (фото) и „Кармен“.
Местно гледалишче во Љубљана по петти пат е домаќин на овој регионален театарски фестивал. Овој ревијален фестивал од 2019 година на секои два месеца обединува шест театарски куќи од регионот.
Во копродукциската претстава „Плејбои…“, работена по текст на Душан Јовановиќ, во режија на Иван Пеновиќ, играат актерите од четири уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.
По премиерата во август минатата година во Будва, претставата гостуваше на летните сцени на Охридско лето и Бриони, а потоа се играше на фестивалите РУТА во Скопје и Белград. Гостувањето во Љубљана ќе биде нејзината 12. изведба.
Актерката Билјана Драгиќевиќ-Пројковска ќе ја изведе монодрамата „Кармен“, работена според романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски. Монодрамата од својата премиера во 2021 имаше 47 изведби и учества на повеќе меѓународни театарски фестивали.