Драмскиот театар од Скопје го продолжи конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски автор до 30 години. Конкурсот е објавен на веб-страницата на Драмски театар и ќе трае до 28 февруари.
Право на учество имаат автори, државјани на Македонија, кои до денот на завршувањето на рокот за пријавување не навршиле 30 години. Поднесениот текст мора да биде оригинално, неизведено дело, а не адаптација или драматизација на веќе постоечки книжевни или драмски форми.
Пристигнатите текстови ќе ги разгледува стручна комисија составена од пет члена, а добитникот ќе биде објавен на прес-конференција, што ќе се одржи во пресрет на денот на раѓањето на Горан Стефановски, 27 април. Наградата се состои од паричен дел од 60.000 денари, потпишување авторски договор со Драмски театар и продукција и изведба на наградениот текст на една од сцените на театарот во рок од две години од затворањето на конкурсот.