ПЛОЧАТА Е ЦРВЕНА КАКО ЉУБОВТА, ВЕЛАТ ДАЦ И АЛЕКСАНДАР ЗА ПРВИОТ ВИНИЛ „УШТЕ МИ ФАЛИШ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дуото Дац и Александар ја издаде првата плоча насловена по неговиот хит „Уште ми фалиш“. На неа се песните кои продуцентот Александар Митевски и актерот Драган Спасов-Дац ги испеаја од 2019 до денес, како „Цреши охридски“, „Душа бакшиш“, „Четири страни“, „Љуби ме“ и други.

„Ова е нашата прва плоча, со најголемите хитови на Дац и Александар. Плочата е црвена како љубовта, а можете да ја имате и вие посветена со наши потписи“, рекоа Митевски и Дац во видеото кое го објавија на социјалните мрежи.

Фото: Фејсбук

Дуото ќе одржи два концерта по повод Денот на жената на 6 и 7 март во Македонскиот народен театар (МНТ). Концертот е насловен „Дамите бираат“.

„Гласовите, инструментите и срцата ќе се соединат со една мисла – да се прослави жената во сите нејзини улоги. Со силна поддршка од групата ‘Дрим тим’ и нивните специјални музички гости и пријатели, ќе ја исполниме салата со љубов, убавина и ноти што допираат до душата“, велат Дац и Александар, кои објавија дека двата термина се распродадени.