Во Белград се отвори првото „Хард рок кафе“, кое се наоѓа во центарот на градот. Се простира на два ката и има повеќе од 250 места за седење.
„Хард рок кафе“ е меѓународен синџир на тематски ресторани, хотели и казина, кој денес работи во повеќе од 60 земји низ целиот свет, а беше отворен во 1971.
Во новоотвореното белградско кафуле се изложени 18 автентични експонати од рок музиката, меѓу кои се најпродаваните плочи на „Битлс“ и гитара на групата „Скорпионс“.
„Сите гитари се автентични, имаме тим за форензика. Се чуваат во строго контролирани услови, во витрини, особено сценски костими. Дозволено е да останат и траги од шминка за да бидат автентични“, рече претставникот на „Хард рок кафе“, Александар Ерцеговчевиќ.

Тој додаде дека некои од експонатите и предметите се донирани од музичари или биле купени од „Хард рок кафе“ на аукции. Вкупната колекција содржи повеќе од 88.000 уметнички предмети, гитари, сценски костими и друго. Како што кажа Ерцеговчевиќ, експонатите се менуваат на секои седум години.