Со проекција на документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, вчера се отвори новото кино „Киноверзум“ во Домот на културата во скопско Драчево. На проекцијата беа режисерката Тамара Котевска и продуцентот Јорданчо Петковски.
„Приказната за Силјан“ беше македонски кандидат за Оскар и е добитник на повеќе награди на реномирани светски филмски фестивали.

Ова е петто кино „Киноверзум“ во Македонија, а второ во Општина Кисела Вода.
„По Штип, Велес, Свети Николе и првото кино во Кисела Вода, сега и Драчево добива филмска сцена со најсовремени технички услови. Опремено со ласерски кино-проектор и врвен систем за звук, на посетителите им ги нудиме најактуелните светски филмски хитови по најпристапни цени. Веќе од утре, на редовниот репертоар во Драчево се филмовите ‘Свадба’ и ‘Оркански височини’“, рече Михаела Ѓорчева, основачка на „Киноверзум“.