Стрип-албумот „ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа“ од Ивица Дукоски и Владимир Благојевиќ ќе биде промовиран денеска (18 февруари) од 19 часот во „Лабораториум“ во Скопје. Во издание на „Фликер студио“, „ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа“ е опишан како епска фантазија со доза на егзистенцијална паника, нежна иронија и судбина што не прифаќа мислења од други и е директно продолжение на стрип-албумот „ЛОМ: Волшебникот од Големото Ништо“ од 2020.
Дукоски е сценарист и на стрип-албумите „Црната аурора“ (2018), „Неонски ноќи“ (2018), „Аника и Тигран“ (2020) и „Светите ловци“ (2021), сите со цртеж од Благојевиќ.
Владимир Благојевиќ-Владодлак е дипломиран етнолог и едукатор во Музејот на Република Северна Македонија, имал бројни самостојни и групни изложби, а покрај соработката со Дукоски, автор е на стрип серијалот „Патот на старите богови“ (2024).