„САМ ВО РОЈ“, НОВ РОМАН ЗА ДЕЦА НА САШО КОКАЛАНОВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новинарот, романописец и драмски автор Сашо Кокаланов го промовираше новиот роман за деца „Сам во рој“ кој го потпиша под псевдонимот Иван Дричко.

Книгата е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина-публикации“, а промоцијата се одржа во рамките на манифестацијата „Денови на литературата“, во книжарницата „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“.

Книгата влезе во потесниот избор за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2025. Промотори на книгата беа уредничката Оливера Ќорвезироска и писателот Ермис Лафазановски, победник на конкурсот „Оливера Николова“ за 2025 година.

„Малку му љубоморам на Иван Дричко. Јас, како Сашо Кокаланов, имам напишано еден куп романи без да влезам во толку тесен избор за некоја награда. А, тој со првенчето, стигна до фотофиниш во друштво со едно вистинско ремек-дело, какво што сметам дека е ‘Џинџуџе’ на Ермис Лафазановски и тоа за награда што го носи името на нашата најважна современа писателка. Не е фер, ама животот не е фер. Очигледно ќе морам повеќе да се потрудам за да ги достигнам книжевните успеси на Дричко“, рече Кокаланов на промоцијата.
„Сам во рој“ е приказна за едно посебно дете Љубомир, кого сите го викаат Буба и неговата страст за инсектите како надомест за пријателите што ги нема. Различноста на Буба во ниту еден миг не ги исклучува неговата добрина и хуманост.

„Ова е приказна за едно дете кое тргнува на патување надвор од границите на познатото, но не метафорично, туку сосема вистински. Тој сака само оддишка од секојдневното малтретирање, еднодневна пауза во која ќе биде сам со себе, а ќе го добие највозбудливиот ден во животот, една фина лекција што училиштето не може да му ја овозможи“, вели авторот.
Книгата е збогатена со колоритен додаток, „бубариум“, со што текстот се проширува со визуелно-едукативен сегмент.
Ова е втора книга за деца под псевдонимот Иван Дричко, по сликовницата „Непотизам“, а претходеа и многубројни објави во списанието за деца „Ѕвезди“.
„Споменот на тие приказни го врзувам со детството. Тоа беше обид, можеби задоцнет, да го пронајдам детето во мене и да сфатам колку знае да биде убава наивноста што некогаш сум ја презирал“, вели Кокаланов.