ВИЕНСКИОТ БАЛ ВО СКОПЈЕ ПРОСЛАВИ 25 ГОДИНИ СО БОГАТА МУЗИЧКА И ТАНЦОВА ЗАБАВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со танчарска точка на студиото „Прима Данца“ и оркестарот на „Јохан Штраус“ , вчера (18 април) во Скопје почна традиционалниот Виенски бал. Годинава, настанот се одржа по 25. пат.

Како музички гости настапија Ана Петановска, Џон Илија Апелгрен, Полина Тасева, Калина Велковска и „Свингерси бенд“ кои ја разиграа публиката по отварањето и официјалниот дел. Диригентка на оркестарот беше маестра Бисера Чадловска.

„Драго ми е кога гледам полн подиум со весели и разиграни луѓе“, рече поп-пејачката Ана Петановска која пееше македонски и светски поп и рок хитови.

Ана Петановска (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Настапија балетските солисти Димитро Чеботар и Саша Ефтимова која беше и кореограф на танцовите точки. Играше и танцовата двојка за стандардни танци, Бојан и Катарина Лазаревски, со кореографија на Влатко Павлески. Како специјални гости настапија членовите на Националниот џез оркестар.

„Драго ми е што овој настан прерасна во убава традиција, трае веќе 25 години и годинава е од хуманитарен карактер“, рече австрискиот амбасадор Мартин Памер на отварањето.

Австрискиот амбасадор Мартин Памер со водителката Вера Мештеровиќ (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Балот чиј директор е Оливер Арсовски го организира здружението за културна соработка „Јохан Штраус“ во соработка со Амбасадата на Австрија.

М. ЏАРОВСКА