Поп-пејачот Влатко Лозаноски-Лозано вели дека е возбуден пред концертот на 7 март во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, кој ќе биде различен од претходиот што се одржа во 2019.
„Ме информираа дека салата е речиси полна и тоа најмногу ме радува“, рече пејачот на денешната прес-конференција во Скопје.
Лозано најави дека на концерот ќе има многу гости и неколку дуети кои ќе се објават во наредните денови.
„На концертот ќе бидат и моите пријатели, мојот бенд, со кој секојдневно правиме проби. Има нови аранжмани на неколку мои стари песни и некои нови. Да го поздравам и танчарското студио ‘Бах’ од Струга, кои ќе играат на неколку песни и ќе биде едно така разиграно, растрчано шоу“, најави пејачот.
На прес-конференцијата се прикажа и тизер од новата песна, која ќе излезе на почетокот на март.
„По овој концерт ќе продолжам со нови сили и ќе ми биде поттик за други концерти низ Македонија“, додаде пејачот.
Тој ѝ се заблагодари на екипата која го снимаше претходниот спот за синглот „Купи ме“ и најави дека новиот спот ќе биде уште подобар.

„Ве очекува една романтична вечер со многу изненадувања“, најави менаџерот Васко Спасоски.
„Работиме на нешто многу посебно и ново за мене, концерт што ќе спои добар звук, врвна сцена, движење и емоции. Ја замислуваме вечерта како претстава“, рече претходно Лозано.
Билетите се продаваат преку мрежата на Купи карта.
М. ЏАРОВСКА