ВТОРАТА СЕЗОНА НА „ЧЕТИРИ ГОДИШНИ ВРЕМИЊА“ ИЗЛЕГУВА НА 28 МАЈ

Лос Анџелес, (Холивуд рипортер)

Премиерата на втората сезона на серијата „Четири годишни времиња“ (Four Seasons) ќе биде на 28 мај, објави „Нетфликс“. Стриминг-гигантот сподели и фотографии на кои се гледа дека се враќаат актерите Тина Феј, Колман Доминго, Вил Форт, Марко Калвани, Кери Кени-Силвер и Ерика Хенигсен.

Серијата е адаптација на комедијата на Алан Алда од 1981, која зборува за група пријатели кои се справуваат со кризата на средни години. Втората сезона ќе има осум епизоди и повторно ќе следи група пријатели низ четири одмори во текот на една година.

„Навистина е убаво. Го имаме истиот тим на сценаристи и беше многу интересно да се собереме и да споделуваме искуства, не само да зборуваме за претходната сезона, туку и за нашите сопствени животи“, изјави Феј, која е еден од продуцентите.