СО КИНЕСКИ ДИЗАЈНЕРИ ПОЧНУВА МОДЕН ВИКЕНД СКОПЈЕ ОД 27 МАРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со вечер посветена на кинески дизајнери, на 27 март од 19 часот во скопскиот трговски центар „Дајмонд мол“ започнува 32 издание на Моден викенд Скопје кое ќе трае до 29 март.

„Програмата започнува со презентација и ревијален приказ на три кинески модни и накит дизајнери, со поддршка на Амбасадата на Кина во Македонија. Публиката ќе искуси синтеза на традиционални и современи естетики, а дискусијата што ја следи ќе ја отвори темата за модата како дел од националниот идентитет, како материјализирана историја што се носи на телото“, велат организаторите.

Од 21 часот на 27 март ќе се одржи 3Д изложба посветена на вештачката интелегенција во модата, во соработка со „Еразмус плус“. На 28 март од 16 часотт ќе се одржи РЕВИЈА на студентите од Меѓународниот балкански унивезритет од Скопје.

Оваа сезона, Моден викенд Скопје го претставува и меѓународниот проект „Зелена и одржлива мода: Нордиско-балтичката приказна“. Македонија ќе биде домаќин на дизајнерска резиденција што ќе обедини десет дизајнери од нордиско-балтичкиот регион и Македонија на 28 март од 18.30 часот.

Проектот е организиран од Амбасадата на Шведска, во партнерство со Канцеларијата на Амбасадата на Литванија, Амбасадите на Данска, Финска и Норвешка во Србија и Македонското модно здружение, со поддршка од Нордискиот совет на министри.

Двата дена ќе има многу ревии и изложби, а настанот се затвара со ревија на Олгица Ѓоргиева на 29 март од 21 часот.