Со перформансот „F_AI_LLE“ на француската танцова компанија „К данс” вечерва (10 март) во 20 часот во Македонскиот народен театар почнува Месецот на франкофонијата. Гостувањето е соработка на Францускиот институт во Скопје и Танц-фест Скопје и е увертира за Танц фест Скопје, кој ќе се одржи од 18 април до 5 мај.
Компанијата е основана во 1980-ите и е позната по нејзините смели кореографии.
Танцовата претстава „F_AI_LLE“ истовремено е и интерактивна инсталација што го истражува дијалогот помеѓу човечкото тело и вештачката интелигенција.
„На македонски јазик зборот значи процеп, но во францускиот збор има AI, што е референца за вештачка интелигенција. Значи, не е сосема случајно, но ние сакавме вештачката интелигенција да ја прашаме како би реагирала на уметнички план и како би реагирала во однос на телесните движења, во однос на телото. Самата претстава се базира на вештачка интелигенција”, рече кореографот Жан-Марк Матос.
На крстосница помеѓу современиот танц и дигиталните истражувања, ова дело, вели тој, ја преиспитува нашата врска со нормите, технологијата и креативноста. Секој учесник станува кокреатор и сведочи за уникатно уметничко дело што се менува во зависност од сопственото движење и односот кон вештачката интелигенција.
Во склоп на посетата на трупата се реализираат и работилници од 9 до 13 март во Скопје, Битола, Куманово и Тетово под водство на кореографот Матос. Работилниците се наменети за уметниците од областа на танцот, младите изведувачи и за наставниците по француски јазик.
Проектот е поддржан во рамките на програмата „Дигитални уметности“.
Б. НЕСТОРОСКА