НАЈЗАШТИТЕНИ СЕ ОНИЕ КОИ МОЛЧАТ – УНИКАТЕН КОНЦЕРТ НА РАМБО АМАДЕУС ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Црногорскиот музичар Рамбо Амадеус две вечери по ред одржа концерти во Скопје, во „Јавна соба“ и направи како што претходни најави, трибјут на самиот себе.

Концертот вчера (15 март) почна кратко по 18 часот, по што Рамбо кажа: „Добредојдовте на ова матине. Ви благодарам што сте тука и што ме каните. Ова е господска работа. Отсега, концертите ќе ги почнувам порано, нема ефект по 22 часот, тогаш се сите пијани, сега се трезни“.

Иако вели дека ниту една не може нормално да се пее, секоја негова песна носи интересна порака. За песната „Пеперутка во бура“ (Лептир у олуји) рече дека не ја снимил и сме немале каде да ја слушнеме.

„Во последно време ме мрзи да снимам песни. Оваа песна сум ја свирел само во живо, па некој тоа ќе го сними и ќе го сподели на Инстаграм“, рече музичарот.

Фото: А. Дениќ

„Порано, телевизијата ни служеше за образовно-едукативна програма. Денес за лоши вести и примиивни ликови од кои не можеш да се заштитиш. Најзаштитени се оние кои молчат“, рече Антоније Пушиќ, кој од 1988 е познат како Рамбо Амадеус.

Свирката беше интимна и забавна, а публиката како да му беше дојдена дома на уникатниот музичар, кој успешно го комбинира рокенролот со џезот и стиховите, кои на негов посебен начин ја покажуваат вистинската слика на нашето живеење и менталитет. Гостин му беше тромбонистот Сашко Николовски.

Кога дојде ред на хитот „Халид инвалид Хари“, Рамбо ја нарече публиката „младинци“ и ги праша: „Ви чини ли ова?“. По реакциите на веселата публика, чинеше целиот концерт, од почеток до крај.

М. ЏАРОВСКА