ОДРЖЛИВА МОДНА И ТЕКСТИЛНА ИНДУСТРИЈА БЕШЕ ТЕМАТА НА ФОРУМОТ „МОДА-ЕДУКАЦИЈА-ТЕХНОЛОГИЈА“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Повеќе модни дизајнери зборуваа на темата „Како до одржлива модна и текстил индустрија“ на форумот „Мода-едукација-технологија“ во Скопје. Форумот е во организација на здружението „Добредојде Македонија-Welcome Center“, под покровителство на Амбасадата на Словенија, во рамките на проектот „Зајакнување на женското претприемништво преку занаети и одржливост“.

„Горди сме на поддршката на иницијативи каква што е овој проект, кој претставува значаен чекор кон создавање одржливи и конкурентни креативни индустрии, базирани на знаење, иновации и партнерства“, рече словенечкиот амбасадор Грегор Прескер (фото).

Основачот и претседател на „Добредојде Македонија-Welcome Center“, Емилија Миладинова-Аврамчева, рече дека една од главните цели на форумот е да создаде трајна платформа за соработка.

На првиот панел, на тема „Модното образование и индустријата – каде сме и што понатаму?“, учествуваа Наташа Сивеска – извршна директорка на Текстилен кластер, Анета Атанасовска – извршна директорка на Занаетчиска комора, Росица Шабанова – директорка на СОУ „Богданци“ и Ирина Тошева – модна дизајнерка и едукаторка за одржлива мода.

Вториот панел „Од скица до алгоритам – технологија и вештачка интелигенција во модата“ се фокусираше на улогата на дигитализацијата и иновациите во современата модна индустрија. Панелистите Никола Булески (едукатор за 3-Д дизајн и виртуелни прототипи), Катерина Тошева (модна продукт дизајнерка), Никола Ефтимов (професор и моден дизајнер) и Ангела Доневска (3-Д дизајнерка и дипломиран инженер-технолог) ги споделија своите лични и професионални искуства и визии за иднината на македонската модна и текстилна индустрија, со практичната примена на 3-Д дизајн, виртуелни прототипи и вештачка интелигенција.