РАДИО „БУБАМАРА“ ГО СЛАВИ 24. РОДЕНДЕН СО ВЕСЕЛА ЕКОЛОШКА АКЦИЈА НА ВОДНО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Радио „Бубамара“, традиционално, ќе го прослави својот 24. роденден со весела еколошка акција на Водно, која ќе почне утре во девет часот, а ќе учествуваат и голем број музички ѕвезди во улога на „Шумски свирачи“.

Освен што ќе го распеат Водно, ќе се собираат и селектираат пластични шишиња, ќеси и друг отпад, што се наоѓа околу планинарските патеки. Во акцијата се вклучени и извидничките одреди на Јадран и Псио.
Акцијата е доброволна и во неа можат да се вклучат сите планинари и рекреативци кои ја сакаат природата, па затоа еден од слоганите е „Кој може и сака нека собира, а кој не може, барем нека не фрла ѓубре во природа“.

Голем број музички ѕвезди повторно ќе се најдат во улога на „Шумски свирачи“

Терминот „Шумски свирачи“ се воведе во 2015 година, кога за првпат се одржа оваа акција, а планинарите и екологистите пееја заедно со „Љубојна“, „Синтезис“, Гуру Харе, Пепи Ренџов, Јаков Дренковски, Џокси, Влатко Мартиновски, „Пеперминт“, Аки Рахимовски, Никола Јанков и Влатко Стефановски.

Општините Карпош и Центар наредната недела ќе расчистуваат мали диви депонии, а акцијата е поддржана од „Пакомак“ и Град Скопје.